Ballina International Македонски Полициски час од 80 часа во половина Македонија

Полициски час од 80 часа во половина Македонија

Полициски час во траење од 80 часа за жителите на Скопје, Тетово, Куманово, Липково, Штип и тетовските општини воведе владата за време на претстојниот продолжен викенд. Се забранува одење на гробишта за Задушница во цела Македонија.

Од утре вечер во 21 часот до 5 часот во понеделник наутро се воведува полициски час во сите скопски општини, Куманово, Општина Липково, Штип, Тетово, како и во општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, одлучи владата на денешната седница, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Во сите останати градови, полициски час ќе има од утре во 21 часот до петок во 5 часот наутро, додека во останатите денови до недела ќе почнува од 16 часот до 5 часот наутро.

Се забранува и посета на гробишта во цела Македонија, освен за погреби. В петок и во сабота е Задушница, кога православните верници ги посетуваат гробовите на своите најблиски и раздаваат храна за душа на покојните. Петок е неработен ден за сите православни верници, а владата денеска го прогласи за неработен за сите граѓани.

Владата ја донесе одлуката на предлог на Комисијата за заразни болести, која препорача заострување на мерките по зголемувањето на бројот на заболени од коронавирус.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека полицискиот час се воведува за спречување на ширењето на вирусот во овие региони, но и проширување надвор од овие региони.

„Имаме неколку локации каде имаме брзо ширење на болеста, што е резултат на непочитување на мерките, што се главните причини за заболени во Скопје, кумановско-липковскиот регион, тетовско, Штип и околината. Добро е што во останаите делови е добра ситуацијата. Добро е што во другите делови од земјата состојбата е стабилна“, рече Филипче.

Само денеска има регистрирано 101 нови случаи на коронавирус во земјава, и нови четворица починати. Најголем дел од новите случаи, односно 59 се во Скопје, 12 во Куманово, 7 во Тетово, 6 во Струга, 5 во Тетово, по тројца во Кочани и во Гостивар, двајца во Пробиштип и по еден нов случај во Велес, Охрид, Кавадарци и во Прилеп. Вчера имаше 76 нови случаи, а завчера 89.

Досега, најголем број од новозаболените во Скопје беа во општините Чаир и Сарај, но денеска има 10 нови случаи во Општина Центар, 11 случаи се во Чаир, 9 во Бутел, по 5 во Гази Баба и во Аеродром, во Кисела Вода и во Сарај по 3, додека во останатите општини има по еден случај.

Бројот на заразени во изминатите неколку дена се зголеми, откако неколку недели претходно се намалуваше.

Филипче рече дека најголем број од новите заболени се резултат на семејни собири и неносење заштитна опрема, како и неправилниот превоз на вработените во штипските конфекции. Тој рече дека, освен непочитувањето, големиот број новозаразени се резултат и на неказнувањето на прекршителите од страна на МВР.

Заменик-министерот за здравство Арменд Арслани рече дека има добар пример во Липково, каде што властите соработуваат со верските заедници да ги убедат луѓето што се уште не веруваат дека вирусот постои, да преземаат заштитни мерки.

Вкупната бројка на дијагностицирани со коронавирус во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2492, бројката на оздравени пациенти е 1605, на починати е 145, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 742./slobodnaevropa.mk

@tn.lajmelokale
@tetovanews