Ballina International Mакедонски Каде е осмиот преживеан патник од автобусот во Бугарија?

Каде е осмиот преживеан патник од автобусот во Бугарија?

Бугарските истражители тврдат дека во автобусот имало 44 тела. Загатка е каде е осмиот патник којшто бил спасен – или сведочењата не се точни, или пак имало размена на патници меѓу автобусите.

Каде е осмиот патник којшто ја преживеал автобуската несреќа во Бугарија? Ваквото прашање се наметна по денешната прес-конференција во Бугарија, каде тамошното обвинителство ги изнесе првичните сознанија околу причината за трагедијата на автопатот „Струма“, каде се запали автобус со патници од Северна Македонија. Медиумите изминативе денови информираа дека во автобусот имало 52 патници – 45 лица се тврдеше дека загинале, додека седуммина се во болница. Но, портпаролката на главниот обвинител на Бугарија, Сијка Милева и бугарскиот заменик-јавен обвинител, Борислав Сарафов, фрлија сосема ново светло на случајот, наметнувајќи ја енигмата дека недостига еден патник. Според нив, на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела.

Милева пред бројните бугарски и македонски медиуми сподели дека се сретнала со еден од преживеаните кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и дека спасил осуммина, а не седум лица, како што досега се тврдеше.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, пак, во изјава за бугарската телевизија БТВ вели дека според информациите коишто ги добиле од Бугарија, има седум преживеани луѓе кои се во болница и 45 жртви во несреќата. „Но, оставаме истрагата да ги утврди сите овие факти и се надеваме дека најрелеватните информации ќе дојдат од бугарските истражни органи“, вели Спасовски.

Загатка

За бугарското обвинителство, станува збор за загатка која ќе мора да се разреши наредниве денови. Претпоставките се дека или сведокот направил грешка, или патниците се префрлале од еден во друг автобус, па така се губи трагата на осмиот преживеан патник. Тие најавија проверки на граничните премини, со цел да се утврди колкумина влегле, и колкава бројка на патници ја напуштиле земјата.

Милева вели дека истражителите разговарале со сведокот, кој тврдел дека се спасиле осум лица. Бил повикан и преведувач на повторната средба со сведокот, но тој ја повторил истата изјава.

„Ние пронајдовме 44 трупа, а тој категорично изјави дека се спасени осум лица. Јас му реков вие сте седум во болницата. И тој категорично ми рече не, ние се спасивме осум лица. Во текот на истрагата, беа пронајдени 44 трупа. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот“, вели Милева.

И заменик-главниот обвинител, Борислав Сарафов, потврди дека на местото на несреќата се пронајдени 44 тела.

Размена на патници

Според шефот на тимот истражители што го истражува случајот, Маријан Маринов, можно е некој од туристите да се качил на територијата на Бугарија во некој од другите автобуси на туристичката група, па затоа недостига еден патник. Тој посочи дека има сведоштва од бензинската пумпа каде одмарале автобусите, дека имало размена на патници меѓу автобусите.

Според бугарските истражители, преживеаните сведочеле дека избувнал интензивен пламен на десната страна на автобусот веднаш по несреќата. Веднаш биле направени обиди да се отворат прозорците на возилото. Влезната врата излетала во моментот на ударот. Но, и покрај ова патниците не можеле да излезат поради огнот. Сите се собрале на средната врата, која била заглавена од заштитната ограда на левата лента.

„Бев на местото на инцидентот, го видов изгорениот автобус, ги видов јагленосаните тела. Глетката беше ужасна и нема да ја заборавам цел живот. Заедно со македонските обвинители бевме и во посета на болницата каде се хоспитализирани седуммина повредени. Сите повредени беа, според лекарите во добра физичка состојба, но психички се во многу лоша состојба. За нив се грижат најдобрите специјалисти. Лично го прашав еден од нив дали има потреба од нешто – од телефон, вода или храна. Но, неговиот одговор беше – дека ги бараат најблиските. Едниот ја бараше мајка си, другиот прашуваше како е неговото дете – но тие останаа внатре во изгорениот автобус“, вели Милева.

Бугарскиот главен обвинител нареди да се изврши проверка на патната сигнализација и на поставените сообраќајни знаци на магистралните и на главните патишта на територијата на целата земја. Во проверката ќе бидат вклучени бугарски,  и меѓународни експерти и претставници на невладини организации. Ако во текот на проверката се соберат податоци дека се извршени казнени дела од општ карактер, тие ќе бидат испратени на обвинителството кое ќе бара кривична одговорност на виновните лица./dw

@tn.lajmelokale
@tetovanews