Ballina International Mакедонски До опожарената дискотека во Кочани имало резервоар со нафта

До опожарената дискотека во Кочани имало резервоар со нафта

Досега 16 лица добија краткотраен притвор за трагедијата во Кочани, а во МВР се разрешуваат началници. Се најавуваат засилени контроли на сите кабареа и клубови, како и законски измени за да се регулира нивната работа

Нови детали од истрагата којашто се води за трагедијата во Кочани, една од најголемите во историјата на Македонија, во којашто 59 млади луѓе ги загубија животите, откриваат дека во близината на импровизираната дискотека „Пулс“ имало склад за гориво. Резервоарот за нафта бил во склоп на бензиска пумпа, а бил откриен од страна на полициската крим техника.

Деветмина обвинители и тим на МВР веќе неколку дена се на местото на опожарената дискотека прибирајќи ги сите неопходни докази за расветлување на трагедијата. Од Обвинителството велат дека при увидот било констатирано дека постоел склад за гориво во близина на објектот, но сите други околности се испитуваат.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски на прес-конференција во Скопје рече дека постоела бензиска пумпа и одреден резервоар вкопан во земја. Резервоарот во моментот на несреќата бил празен и нема поврзаност со сопствениците на дискотеката.

„По првичните информации е празен и не бил во допир со настаниот пожар во ужасната вечер. Сопственичката структура не е поврзана со менаџерската структура која е организатор во дискотеката“, рече Тошковски.

Притвор за 16 лица

Трагедијата се случи во неделата во 2.30 часот наутро кога во дискотеката „Пулс“ имало околу 500 млади луѓе, кои присуствувале на концертот на групата ДНК. При избувнување на пожар од пиротехника, 59 млади луѓе загинаа како последица на стампедото, огнот и вдишувањето на чад.

Обдукцијата на починатите во пожарот во дискотеката е завршена и тие в четврток ќе бидат погребани во Кочани. Во трагедијата се повредени вкупно 196 лица, од кои 20 се деца. Од нив, 93 се лекуваат на клиниките во Скопје, а 80 во болници во странство.

Досега за вкупно 16 лица е определен краткотраен притвор од 48 часа. Меѓу приведените се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши и поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски. Дел од нив се теретат за тешки дела за предизвикување општа опасност, а дел за несовесно работење.

Со цел да се овозможи непречена истрага, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски разреши седуммина началници, помошници и командири во Штип и Кочани и на нивно место ќе бидат поставени лица од Скопје. Во исто време се води внатрешна истрага во МВР.

Во јавноста расте притисокот и барањето одговорност и од градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, којшто веќе беше повикан на разговор кај јавниот обвинител. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека истражните органи ќе ги проверат сите документи во Општина Кочани.

„Никој нема да се заштитува и секој кој има каква било вина во врска со настанот, ќе одговара“, рече премиерот, откако во јавноста беше објавено дека се прибира општинската документација со цел да се извршат проверки за надлежностите на општинската администрација околу дозволите и работењето на дискотеката „Пулс“.

Заострени контроли и законски измени
Трагедијата во Кочани откри низа системски пропусти, непочитување на законите и прописите. Импровизираната дискотека не само што немала соодветна лиценца, туку работела во објект предвиден за лесна индустрија, а не угостителство. Прекршени биле повеќе стандарди за противпожарна заштита – имало само два апарати во целиот клуб, немало излезни врати за евакуација, противзаконски биле користени и пиротехничките средства.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека пропустот за контролирањето дали одредена дискотека или кабаре ги исполнува условите е направен со измените во Законот во 2007 година според кои правното лице самото тврди дека ги исполнува условите и потоа нема проверки од страна на инспекторатот, односно се постапува по пријава. За надминување на таквите пропусти, тој најави измени на Законот за угостителство за што ќе се формира работна група. Формирани се и комисии коишто ќе ги проверуваат сите лиценци во земјата.

Мицкоски порача дека со акцијата што ја почнал Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за откривање нелегални лиценци, ниту еден објект кој не ги исполнува минимум техничките услови спгласно законот, нема да биде оставен да функционира.

Во 2024 година се издадени вкупно 12 лиценци за кабареа во земјата. Мицкоски деновиве ја отвори дилемата дали и од тие 12 лиценци некои можеби не се валидни, со оглед на тоа дека лиценца се вади за една година./DW