Обвинителството ја соопшти возраста на сите кои животот го загубија во кочанската дискотека „Пулс“. Денеска во Кочани и уште неколку градови, ќе се погребаaт настраданите во несреќата. Оние кои успеаја да се спасат и се лекуваат во болниците дома и во странство се во стабилна состојба, соопшти министерот Таравари.
Во Штип, потоа во Кочани, па во Чешиново Облешево, но и во Скопје и други места денеска се погребуваат посмртните останки на жртвите од пожарот во дискотеката “Пулс„ во Кочани. Не може со зборови да се опише тагата во нивните родни градови, ниту во целата држава. На плоштадите доги редици граѓани палат свеќи и им оддаваат почит на загинатите . Во Кочани денеска се е затворено, а градот е завиен во црно. Владата издаде посебен протокол за медиумите и присуството на последното испраќање на жртвите од пожарот.
Најмладите тројца загинати имале само 16 години, а највозрасната жртва била на 48 години – соопшти Обвинителството денеска (20 март). Меѓу малолетните жртви има и три лица кои биле на 17-годишна возраст.
На списокот на загинатите најголем дел седуммина имале 24 години и уште седуммина биле на 26-годишна возраст.
Од Обвинителството испратија список со возраста и бројот на починати лица, според податоците добиени од Институтот за судска медицина. Но нивните имиња властите се уште официјално не ги соопштија.
Извештаите од извршените обдукции се изготвуваат и ќе бидат доставени до обвинителството, соопшти прес службата.
Пациентите кои се лекуваат во болниците во Северна Македонија и надвор од државата се во стабилна состојба и повеќето се подобруваат. Од 20 пациенти што биле критични, денеска 10 се потешки, но и тие се надвор од животна опасност. Ова на 20 март го соопшти министерот за здравство Арбен Таравари.
Во домашните клиники се лекуваат 72 пациенти, а надвор од државата 101 пациент. Од оние што се хоспитализирани во земјава, тројца се вчера веќе испишани, а утре се планира да бидат испишани уште тројца.
„Од идната недела се надевам ќе ве известуваме за тоа колку пациенти го продолжуваат лекувањето дома и за такви што ќе се враќаат од странските држави“, истакна Таравари.
Статистички, од пациентите во државава, 34 се наоѓаат на Клинички центар, 15 се во болницата „8 Септември“, во Градската општа болница се хоспитализирани 11, а во Штип е еден пациент. Од приватните клиники, во „Систина“ се згрижени седум пациенти и во „Жан Митрев“ четири.
„Надвор од државата се 101 пациент, вчера се испратени помал број пациенти, денеска има понуди од повеќе држави, но ќе видиме, можеби максимум 10 да се испратат, а можеби и не“, рече Таравари.
Пред да бидат пуштени на домашно лекување, на повредените од пожарот во Кочани кои се лекуваат во земјата ќе им се направат токсиколошки анализи. Тоа е одлука на Кризниот штаб при Министерството за здравство, а испитувањата ќе ги прават искусни токсиколози.
Македонските власти во посета на повредените во Србија и Хрватска
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски и претставници од институцијата ги посетија повредените од пожарот во Кочани кои се сместени во Универзитетскиот клинички центар во Ниш.
Тие оствариле средби со директорот на Клиничкиот центар, проф. д-р Перишиќ, и медицинскиот тим при што биле запознаени со состојбата на тројцата пациенти хоспитализирани во оваа установа.
Според информациите кои ги добиле од Клиниката во Ниш, двајца пациенти се во стабилна состојба, додека еден пациент е во потешка состојба, но истите остануваат под внимателен лекарски надзор и соодветна терапија.
Посета на повредените во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ оствари и шефот на накедонската дипломатија Тимчо Муцунски, кој утрово го посети Загреб каде што се наоѓаат пет повредени. Четворица се сместени на Клиниката за трауматологија, а еден на Клиниката за детски болести, јавија хрватски медиуми.
Муцунски се заблагодари на Хрватска, истакнувајќи дека официјално Скопје меѓу првите повици со изрази за солидарност и понудена помош ги примил од Загреб.
„Тука сум како претставник на држава која тагува за 59 изгубени животи, рече Муцунски пред Клиниката за трауматологија во Загреб, додавајќи дека „нема содветни зборови кои можат да се кажат во овој момент“, рече тој.
Хрватскиот министер за надворешни работи и европски прашања Гордан Грлиќ во изјава пред болницата рече дека Хрватска е згрозена од трагедијата во Кочани, оти е тешко да се пронајдат зборови за утеха за трагедијата, но Хрватска може да покаже солидарност „една од најважните компоненти за помош – покажување емпатија кон соседот и кон пријателот“.
Загинатиот возач на Брзата помош ќе биде постхумно одликуван
Возачот на Итната медицинска помош кој превезе голем број пациенти и потоа почина по трагичната несреќа во Кочани ќе биде постхумно одликуван, најави министерот за здравство Арбен Таравари.
„Тој ден сите работевме повеќе од 20 часа. Јас немам информација колку часа возачот работел, меѓутоа неспорно е дека направил огромна работа со превозот на пациенти. Како министер за здравство планирам следната недела да го викнам неговото семејство и постхумно да го одликувам“, изјави Таравари.
Во однос на информациите дека инфаркт имал уште еден возач на Брза помош, Таравари рече дека таква информација во Кризниот штаб досега немаат.
Се проширува истрагата за пожарот во Кочани
Истрагата за несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде во пожар 59 лица го загубија животот, а околу 200 луѓе се здобија со тешки телесни повреди се проширува и досега се опфатени вкупно 26 лица.
Последни во низата од вчера се седум полицајци од Кочани и Штип, кои се осомничени за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ поврзано со издавање согласности за функционирање на дискотеката.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, вели тоа не е конечна бројка, односно дека како ќе тече истрагата ќе биде покрената истражна постапка против секое лице за кое ќе биде утврдено дека со постапување односно непостапување придонело да биде сторено кривично дело.
Тој, вчера на прес-конференција во МВР, рече дека во врска со конкретниот кривичен настан што се случи во Кочани се разгледува огромна документација, во истрагата се вклучени голем број експерти, како од Обвинителството така и од истражните тимови на МВР./REL
@tetovanews
@tn.lajmelokale