Иако Министерството за здравство соопшти дека се шест, сепак од Центарот за јавно здравје во Тетово велат дека имаат осум нови случаи на Ковид 19. Повеќето од нив се заразиле преку контакт со луѓе кои веќе се на листата на инфицирани. Бројот на новите кластери се смета дека е поголем, па поради тоа Центарот за јавно здравје во Тетово воспостави соработка со матичните лекари со цел да ги откријат новите жаришта.
-Текстот продолжува по рекламата-
Од таму додаваат дека се тестираат и вработените во градинките. Во Тетово досега се направени 190, а во Гостивар 129 тестови, од кои само еден бил позитивен.
Тетово функционира нормално. Иако локалите се отворија пред неколку дена, сепак бројот на гостите е многу мал. Сопствениците и вработените велат дека дистанцата меѓу масите, носењето маски, а особено идентификувањето на гостите се главните пречки поради кои не можат да работат нормално.
-Како ресторан ни пречи многу, но верувам дека и на другите локали. Кога ќе ни дојдат гости ние треба да ги прашуваме дали се роднини, а тоа гледам дека им пречи. И тие се принудени да носат маски. Тука доаѓаат да јадат, а со маски тоа не е возможно. На маса треба да седат по двајца пријатели или 4 члена од исто семејство. Ова навистина е проблем, бидејќи и масите треба да бидат оддалечени, многу маси немаме поставено и немаме никаква добивка-вели Валдет Адеми, сопственик на ресторан.
И угостителските локали во другите градови реагираат дека е невозможно да ги идентификуваат гостите за да утврдат дали се од исто семејство, бидејќи вработените немаат право никому да бараат документ за идентификација. Министерот за економија, Крешник Бектеши, најави дека ќе побара да се укине оваа мерка.