Европскиот фронт предводен од ДУИ ги обезбеди клучните гласови за обезбедување на двотретинско мнозинство по предлогот на ВМРО ДПМНЕ за промена на составот на владата.
Со ова се постави прашањето дали Мицкоски има над 80 пратеници како што тврдеше деновиве или некогашниот партнер ДУИ ја обезбеди потребната бројка во замена за ад хок комисија за следење на правичната застапеност на етничките заедници во државната управа. Од ВМРО ДПМНЕ тврдат дека немало дил со ДУИ околу комисијата и не потклекнале на уцени, дека имаат двотретинско мнозинство без да навлегуваат во детали кои пратеници го сочинуваат ниту дали и во иднина така ќе делуваат.
-Во рамки на Собранието се конституриани работни тела и комисии коишто ги разгледуваат сите материјали и согласно Деловникот ќе функционира и оваа комисија. Со вчерашното изгласување на законот од страна на вкупно 88 пратеници се покажа дека ВМРО ДПМНЕ има двотретинско мнозинство. Ветивме дека ќе водиме широк политички дијалог, побаравме поддршка од сите политички партии во собранието затоа што мораме да имаме брзи и конкретни реформи за граѓаните. – Марија Митева – Портпарол на ВМРО ДПМНЕ
Законот за реорганизација на владата го изгласаа 88 пратеници. Коалицијата на ВМРО ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ изнесува 78 пратеници што значи дека останатите се од ДУИ и Европскиот фронт. Дали поддршката на Европски фронт за ВМРО ДПМНЕ значи и понатамошно заедничко делување за дел од експертите е неизвесно. Аналитичарот Петар Арсовски смета дека конкретното заедничко гласање во собранието е исклучок а тензиите од кампањата ќе продолжат.
Дека е постигнат договор со Европски фронт предводен од ДУИ да ги поддржи законските измени за реорганизација на министерствата, од ВМРО ДПМНЕ информираа доцна синоќа. ВМРО ДПМНЕ пак најави дека ќе го поддржи формирањето на ад хок комисијата. Според Арсовски ова претставува вовед во укинувањето на балансерот.
Укинувањето на балансерот беше едно од предизборните ветувања на ВМРО ДПМНЕ.