„Друго беше заклетвата на претседателката. Заклетвата е содржана во друг закон, тоа е Изборниот законик и тој не е променет, таму стои Република Македонија. Тоа се сосема два различни правни документа. Не ми е драго што ќе ја кажам таа придавка, но тоа е законот. Тоа ќе биде мојот начин на однесување, согласно законот и согласно Уставот сѐ додека тие важат како такви“, изјави Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево во Собранието го достави Предлогот за состав на Владата и Програмата за работа на Владата. Од поднесениот документ до претседателот на Собранието, Африм Гаши, може да се види дека Мицкоски го поднел документот како мандатор за состав на Владата на Република Северна Македонија
Заклетвата како нов премиер ќе ја дадам со уставното име на државата, тоа е јасно. Во моите настапи во странство ќе го користам уставното име на државата со придавката. Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме. Но, во моите настапи дома и во давањето изјави ќе го користам името на мојата држава, а тоа е Македонија, изјави вечерва во Дневникот на ТВ Сител лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски.
На прашањето – што да очекуваат граѓаните, на која држава ќе биде премиер Христијан Мицкоски и што ќе каже во заклетвата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговори:
„Па, уставното име на држава, јасно, не треба тука ние сега да имаме двојни стандарди и да се чувствуваме пред граѓаните неодговорни или, пак, граѓаните да ги доведуваме во заблуда. Се знае, уставното име е со придавката и логично е, Деловникот за работа на парламентот е променет, а во самиот Деловник е содржана заклетвата. Се разбира дека ќе го кажам уставното име на државата, не гледам друг начин како да се каже таа заклетва за да не биде понатаму главна тема. Сакам да ја затворам таа тема бидејќи нас нѐ очекуваат реформи, нѐ очекуваат подобри времиња за Македонија. Инаку, како што кажав во минатото, така ќе кажам и во вашата емисија, дека при моите изјави во Македонија, при моите говори, секогаш јас ќе си го користам името Македонија како име на мојата татковина и тука не треба да имаме дилема. Тука немам намера да правам компромиси бидејќи тоа е моето загарантирано човеково право“.
Според него, случајот со заклетвата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, кога таа не го изговори уставното име на државата, туку рече Македонија, е поинаков бидејќи таа заклетва била содржана во Изборниот законик кој, пак, за разлика од Деловникот, не е променет.
„Не можеме да се однесуваме со двојни стандарди, не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а ние да не ги почитуваме. Колку и да не се согласуваме со некои делови од нив, ние да мислиме дека тоа може да биде поразлично, подобро, повеќе чувствително итн., суштината е дека ние како влада мораме да ги почитуваме. Таков е новиот Деловник за работа во парламентот, заклетвата е јасно дефинирана со Деловникот и тука нема простор за импровизации. Друго беше заклетвата на претседателката. Заклетвата е содржана во друг закон, тоа е Изборниот законик и тој не е променет, таму стои Република Македонија. Тоа се сосема два различни правни документа. Не ми е драго што ќе ја кажам таа придавка, но тоа е законот. Тоа ќе биде мојот начин на однесување, согласно законот и согласно Уставот сѐ додека тие важат како такви“,рече Мицкоски.
На прашањето дали во странство ќе користи термини какви што користи претседателката од типот „нашата држава“ и „нашата земја“, не спомнувајќи го името на државата, Мицкоски беше дециден дека ќе го користи уставното име.
„Апсолутно, тука не треба да има никаква дилема. Уставното име е уставно име, дали ние се сложуваме со тоа – не се сложуваме, дали ни е драго – не ни е драго, но тоа е уставно име на државата, а при давање изјави, мое лично право е како јас ќе ја наречам мојата држава“,
изјави Мицкоски додавајќи дека очекува добрососедски односи со Грција, односи на партнери, на сојузници „бидејќи сме заедно во НАТО-алијансата“.
„Мандатар за состав на Владата на Република Северна Македонија“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, попладнево во Собранието ги достави Предлогот за состав на Владата и Програмата за работа на Владата. Од поднесениот документ до претседателот на Собранието, Африм Гаши, може да се види дека Мицкоски го поднел документот како мандатар за состав на Владата на Република Северна Македонија.
„Почитуван г-дин Африм Гаши, врз основа на член 90, став 2 од Уставот на Република Северна Македонија и член 117, ставови 1 и 2 од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија, ви доставувам Предлог за состав на Владата на Република Северна Македонија и Програма за работа на Владата“,
се наведува во документот потпишан од Мицкоски, „мандатар за состав на Владата на Република Северна Македонија“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во досегашните своите јавни настапи не го користи уставното име на државата, исто како и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, нагласувајќи дека негово човеково право е да ја нарекува државата како сака, што предизвика остри реакции од Грција и од стратешките партнери на државата, ЕУ и САД, да се почитува Преспанскиот договор.
Според Мицкоски, како што изјави и претходно, комуникацијата во институциите и меѓу институциите останува согласно законот.
„И додека давам изјави и додека се обраќам пред вас новинарите, јас, а очекувам тоа да биде и начин на однесување на претседателката Сиљановска, да се користат термините ‘Македонија’ и придавката ‘македонски’ бидејќи на тој начин, според нашето толкување на Преспанскиот договор, немаме прекршување на истиот. Ја користам оваа прилика да испратам порака до нашите пријатели во Грција, да престанеме со закани и со опструкции и со враќање назад во минатото, да гледаме напред во иднината. Ова се документи што се дел од правото. Ако тие мислат дека ние сме го прекршиле Преспанскиот договор, тогаш постои меѓународен суд за правда, може да отпочнат процес, па таму ќе ги вкрстиме и едните и другите аргументи. Не би сакал да дојде до тоа“,изјави неодамна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски денеска на прес-конференција, откако го поднесе предлогот за состав на Владата, кажа оти очекува тој да биде ставен на дневен ред пред пратениците претстојниот викенд, односно на 22 и 23 јуни.