Ballina International Mакедонски „Хуманитарна помош“ од брз кредит, посредување за работна виза, фалсификување документи, продажба...

„Хуманитарна помош“ од брз кредит, посредување за работна виза, фалсификување документи, продажба на позајмено возило – широк „репертоар“ на измами во Тетово и Гостивар

Дневниот билтен на МВР со дневни настани од изминатото деноноќие е особено „богат“ со пријавени измами во Полошкиот регион, во Тетово и Гостивар.

На 18.12.2024 во 15.00 часот, во СВР Тетово, 28 – годишна жена од тетовско село пријавила дека едно лице се обидело да ја измами. Според пријавеното, лицето ја контактирало на социјална мрежа и се понудило да даде донација за нејзиниот болен брат, при што побарало да му испрати лична карта и трансакциска сметка од лице кое е во работен однос. Како што е пријавено, набргу на сметката на нејзината мајка пристигнале 19.000 денари, за кои им рекол да ги подигнат и нему да му дадат 15.000 денари, додека останатите 4.000 денари ги остава за донација. Исто така, според пријавеното, кога отишле во банка им кажале дека парите кои им биле пуштени на сметка потекнуваат од брз кредит на нејзино име, по што веднаш било реагирано и парите биле вратени на испраќачот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.К.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“, против Б.М.(46) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „измама“ и против А.М.(22) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „употреба на исправа на невистинита содржина“. На 08.07.2024, полициски службеници извршиле контрола на патничко возило „ауди“, управувано од третопријавената, при што било констатирано дека на увид дала фалсификувана возачка дозвола, која за одреден паричен надомест ја набавила од прво и второпријавените. На 27.07.2024, при претрес во домот на второпријавениот, биле пронајдени и одземени повеќе возачки дозволи, две патни исправи и лични карти од Република Хрватска и Република Бугарија. Исто така, по преземени мерки било утврдено дека второпријавениот во текот на 2020 и 2021 година, на едно лице за износ од 7.000 евра му овозможил да се стекне со фалсификувани бугарски документи.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Н.И.(52) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ и Н.И.(29) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“. Првопријавениот довел во заблуда едно лице на тој начин што зел 2.000 евра капар со намера да му биде обезбедена работна виза од Република Словачка, доведувајќи го во заблуда дека поседува и фирма во Словачка. Второпријавениот, иако знаел дека прикажаните факти се невистинити, му помогнал на првопријавениот на начин што во неговата компанија во с.Боговиње, потпишале интерен меѓусебен договор во кој се потврдува дека примил од него 2.000 евра.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.К.(43) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 29.02.2024 пријавениот позајмил патничко возило од А.О., но не му го вратил. На 07.03.2024 во с.Дебреше, гостиварско, А.О. го нашол своето возило и дознал дека пријавениот му го продал на друго лице.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.А.(43) Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во јануари 2023, пријавената го довела во заблуда Е.О., дека ќе му помогне да добие  виза за странска земја, за што добила 3.000 евра за посредништво, а потоа не можел да стапи во контакт со неа.