Ballina International Mакедонски Црна Хроника – 15.10.2024

Црна Хроника – 15.10.2024

Тинејџер со марихуана фатен во Тетово

Осумнаесетгодишно момче е приведено вчера во Тетово откако кај него била пронајдена марихуана.

„Вчера во 22.45 часот на бул. „Илинденска“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода А.Ш.(18) од Тетово затоа што кај него била пронајдена и одземена дробилка со остатоци од марихуана“, информираат од МВР.

Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.

Австриец тешко повреден откако паднал од хотелски балкон во Охрид

Четириесет и деветгодишен Австриец се здобил со тешки повреди откако паднал од балкон на хотел во Охрид.

„Во недела во 17:39 часот во СВР Охрид, е пријавено дека во хотел во Охрид од балкон паднал гостин во хотелот. Се работи за лицето M.K.(49) од Австрија, кој бил во друштво со С.Ф.В.(40) од Бразил. Тој бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, каде му била констатирана тешка телесна повреда“, информираат од МВР.

За настанот е запознаен јавен обвинител и се преземаат мерки за негово расчистување.

Напад од куче скитник во гостиварска Долна Бањица

СВР Тетово соопшти дека вчера (14 октомври) во 14.30 часот во ОВР Гостивар 47 годишниот Б.И. од Долна Бањица, гостиварско, пријавил дека претходниот ден околу 18.00 часот во селото бил каснат од куче скитник.

Багерист со тешки повреди завршил во болницата во Гостивар

СВР Тетово информира дека вчера (14 октомври) во 15.10 часот во ОВР Гостивар, од Медицински центар Гостивар било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен М.С.(51) од Сенокос.

Според пријавеното, тој се здобил со повреди при извршување работни задачи со работна машина багер.

Увид бил извршен и се работи на расчистување на случајот.

МВР ги пронајде четворицата што синоќа пукаа во скопјанец и го ранија

СВР Скопје денеска информираше дека го расчистиле случајот со синоќешното пукање на улица Христијан Тодоровски- Карпош, во близина на општина Чаир, кога од огнено оружје во левата нога е повреден 35 годишниот Е.А.

„Веднаш по добиената пријава преземени се опсежни мерки и активности од страна на полициски службеници од СВР Скопје – Единица за насилен криминал, во координација со ‘Безбеден град’ Скопје, како и OJO Скопје, при што се утврдени сите учесници во кривично правниот настан и тоа Л.А. и И.Т., кои се лишени од слобода и задржани во полициска станица за понатамошна постапка, како и А.Р. и М.И., осудени лица на издржување на казна затвор во КПУ Идризово, а кои во текот на 14 октомври 2024 година, во времето на извршувањето на кривичното дело, користеле излез од затворот Идризово, по основ на работен ангажман“, соопштија од МВР.

Од полицијата информираа дека од самото место подигнати се траги од биолошко потекло, применети се апликатори за барутен тест од утврдените учесници во кривично правниот настан, обезбедени се видео записи од „Безбеден град”, а исто така утврдено е и возилото со кое едниот сторител дошол на лице место, по што истото е подигнато за криминалистичко техничка обработка.

По целосно документирање на настанот, велат од МВР, во координација со OJO Скопје, од страна на ЕНК при СВР Скопје ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Турчин баран од Интерпол уапсен на Богородица

Вчера во 13.00 часот на Граничниот премин Богородица, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода Ф.Б.(60) од Република Турција, со престој во Скопје, затоа што при извршена пасошка контрола било констатирано дека бил баран од Интерпол Република Турција.

Тој бил предаден на полициски службеници во Полициската станица Гевгелија за понатамошна постапка.

Излета автомобил од патот Ресен–Битола

Вчера во 14.00 часот во Полициската станица Ресен било пријавено дека на магистралниот пат Ресен–Битола, на место викано „Макази“, патничко возило „мерцедес“ со ресенски регистарски ознаки, управувано од А.С.(38) од Ресен излетало од коловозот.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничката болница Битола.

Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Ресен.

Тешка сообраќајна несреќа во Куманово: Повредена тинејџерка

Вчера во 18.40 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„Ѓорче Петров“ во Куманово се случила сообраќајна несреќа помеѓу електричен тротинет, управуван од малолетник и мопед управуван од А.А.(19), двајцата од Куманово.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила А.А., констатирани во Општата болница Куманово.

Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово.

Македонец уапсен во Косово – ќе лежи шест години во затвор

Косовската полиција, конкретно единицата од Управата за меѓународна соработка во владеењето на правото при полицијата на Косово (ФАСТ/FAST), вчера во Урошевац уапсила државјанин на Република Северна Македонија по кого била распишана меѓународна потерница, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното соопштение на косовската полиција се наведува дека 50-годишниот македонски државјанин, со иницијали Х.Ф., е уапсен во заедничка акција на ФАСТ со единицата за истрага на наркотици во Урошевац.

-На 14.10.2024 година, во градот Урошевац, од страна на Управата за меѓународна полициска соработка на КП, поточно единицата ФАСТ, поддржана од одделението за истрага на наркотици во Урошевац, е извршена координирана полициска акција, при што е приведен граѓанинот од Северна Македонија со иницијали Х.Ф., (година на раѓање 1974), кој со меѓународна потерница од Република Северна Македонија е баран за издржување казна затвор во траење од шест години, се наведува во соопштението.

По завршување на постапките, со решение на Специјалното обвинителство, осомничениот е испратен во полициски притвор во траење од 48 часа, за да продолжи со другите законски постапки, информираат од полицијата.

Тешко повреден скопјанец, со тротинет удрил во пешак

На 12.10.2024 во 13.15 часот во СВР Скопје било пријавено дека на пешачка патека на бул.„Јане Сандански“ во Скопје, електричен тротинет, управуван од С.К.(53) од Скопје, удрил во пешак. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на тротинетот, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. За настанот бил известен јавен обвинител. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

Кучиња скитници искасаа жители на Скопје

Вчера во 15.15 часот во Полициската станица Аеродром, Д.Х.(46) од Скопје пријавил дека на бул.„Јане Сандански“ во Скопје неговата малолетна ќерка била касната од куче скитник.

Истиот ден во 15.30 часот во Полициската станица Кисела Вода, Н.Н.(88) од Скопје пријавил дека на ул.„Георги Димитров’“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Во 10.50 часот во Полициското одделение Петровец, вчера, Д.Ј.(83) од Скопје пријавил дека на паркинг простор на Катлановска бања, скопско, бил каснат од куче скитник.

Курир од Скопје лажно пријавил дека го пресретнале и го ограбиле меѓу Дебар и Струга

Дебарската полиција поднесе кривична пријава против Б.Б.(22) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „лажно пријавување на кривично дело“.

„На 31.08.2024, пријавениот во ОВР Дебар лажно пријавил дека, додека на патот Дебар – Струга се движел со патничко возило „фиат добло“, сопственост на брза пошта од Скопје, бил пресретнат од друго возило од кое излегле неколку лица и со употреба на физичка сила му одзеле пари од дневниот промет на поштата“, велат од МВР.