Месец и пол во Тетово никој не се грижи за кучињата скитници и градот секој ден се повеќе се полни со кучиња. Компанијата Дог&Кет која доби тендер за третирање кучиња, ги потрошила доделените пари, за што ја известила општината.
Во Тетово во базната ветеринарна станица се третирани над 300 кучиња скитници, но тоа не е доволно бидејќи руралните општини не ги третираат кучињата скитници и градот за неколку дена е повторно полн со кучиња.
„Месец и пол како е завршен тендерот и веќе не се работи, ние испративме допис до општината дека е завршен и се надеваме дека во 2021 и руралните општини ќе бидат една заедница и сите општини да дејствуваат исто, бидејќи ако се работи само во една општина Тетово, сега работиме и во Теарце, треба многу време за да се постигне тоа што треба“, вели Рамиз Селмани.
Според Селмани уличните кучиња на есен и зима се поопасни.
„Нема храна во секое место, сега се и многу поопасни, особено на есен и зима, опасноста е поголема отколку на лето“, вели Рамиз Селмани.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека кучињата треба да се третираат, но според нив нема кој да го направи тоа.
„Се чувствувам загрозен, секако дека треба да ги собираат“, истакна граѓанин.
„Нормално дека треба да ги собираат, секој граѓанин и секое дете е под опасност“, порача граѓанин.
„Епа ај кажете кој да ги собира, треба да се собираат но не знам дали постои таква веројатност“, вели граѓанин.
Врз основа на јавните тендери, општина Тетово на крајот на 2019 година одвоила 600 илјади денари за третирање на уличните кучиња, но изгледа не можеле да го решат овој проблем. Инаку општина Теарце иако е рурална општина, одвоила 1 милион и 260 денари за овој проблем.
Порано за ова прашање градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, во Клик Плус, рече дека овој проблем бара национално решение. Меѓутоа таа додаде дека општината за 2021 година планирала 3 милиони денари за оваа намена.