На површина од 590 квадратни метри, во кругот на Клиничката болница, до пристапен пат, беше изградена модуларната Ковид болница во Тетово, каде вчера се случи големата трагедија, откако избувна пожар во кој 14 лица го изгубија животот, а 12 се на болничко лекување. Истрагата за модуларната болница во Тетово, која во неколку наврати во минатото се најде во центарот на вниманието, е во тек, а вознемирената јавност бара не само одговори, туку и одговорност за настанот од кој синоќа се објавуваа видеа, на кои се слушаа очајните крици на пациентите, додека гореше болницата.
Уште во декември минатата година, д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид-центарот во Клиничката болница Тетово, изјави дека модуларната болница ќе има 35 легла и своја лабораторија. Во тој период беше поставена бетонска подлога за објектот, кој иако беше најавувано дека ќе се изгради и ќе започне да функционира на почетокот на годината, во јануари, сепак профункционира неколку месеци подоцна.
Точната причина поради доцнењето со пуштањето во функција на модуларната болница остана неразјаснета. Во месец април, економскиот директор на болницата Артан Етеми за медиумите појаснуваше дека побарале дозвола за пуштање на болницата во функција, бидејќи тие како Клиничка болница ги завршиле своите задачи, но Општина Тетово не ја испратила потребната документација до Министерството за здравство. Наводно, причината за тоа била состојбата во општината, каде повеќе од вработените биле инфицирани со ковид.
Според изјавите од Општина Тетово пак, ставањето во функција на болницата било во рацете на МЗ. И од таму тогаш тврдеа дека си ги завршиле своите задачи.
Од МЗ исто така изјавуваа дека должноста да се пушти во функција болницата е на тетовската Клиничка болница, како нејзин корисник.
-Корисникот на оваа болница, односно тетовската Клиничката болница, мора да го направи инфраструктурното поврзување и да ја стави модуларната во функција согласно потребите на Клиничката болница во Тетово, како правно лице. Општина Тетово и Министерството за здравство логистички помогнаа, а за инфраструктурното поврзување истите постапки важат за сите модуларни болници, кои на краток рок се пуштени во употреба во 17 градови на РСМ-беше ставот на министерството, соопштен на почетокот на април годинава.
Болницата потоа беше пуштена во функција, на 15-ти април. Етеми тогаш посочи на пропусти при изградбата, односно мали инфракструктурни грешки и забелешки во врска со подот, кои требало да бидат санирани за неколку дена.
Тендерот за изградба на тетовската, како и на уште 16 модуларни болници во други општини во земјава, лани го доби фирмата ,,Брако” од Велес заедно со ,,Ари и Том” од Валандово, за што државата им исплати околу 3,6 милиони евра.
Инцидент во болницата се случи и на 23-ти август, кога беше откриено оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите. По една недела полицијата информираше дека е уапсено 42-годишно лице од Желино, како осомничено за оштетувањето на цевките. Нема официјални информации кој бил мотивот за делото.
Причините за катастрофалниот пожар се уште се истражуваат, а јавноста бара одговори и одговорност за трагедијата која ја потресе земјата.
Според МЗ, во ковид центарот вчера, за време на пожарот имало 26 пациенти. Вчера претпладне пак, координаторот д-р Нуредини во својот дневен извештај информираше дека биле хоспитализирани вкупно 82 пациенти, не посочувајќи колку од нив се во модуларната болница, а колку на Инфективно одделение. За среќа, голем дел од хоспитализираните биле сместени на Инфективното одделение, а не во модуларната болница, каде се случи трагедијата.
Инаку, вчера беше втор ден во Тетово без смртни случаи во болницата во изминатите месец дена.
-Нови приеми има шест, а исто толку луѓе се пуштени дома на болничко лекување. Сега имаме 82 лица кои се хоспитализирани поради компликации со Ковид-19, а за прегледи се јавиле 142 лица во амбулантата на Ковид центарот – изјави д-р Нуредини вчера, само неколку часа пред трагедијата.
Вики Клинчарова/fokus.mk