Сите автобуси произведени по 2018 година, а посебно од марката „мерцедес“, каков што бил автобусот на „Беса транс“, имаат вградени сигурносни системи, кои вклучуваат и противпожарна инсталација.
Себахтин Исмаил, превозник од Бугарија, кој поседува нови автобуси од марката „мерцедес“ на новинарка од бугарски портал ѝ објаснува дека такво возило, какво што е и возилото на „Беса транс“ кое настрада на автопатот „Струма“ во Бугарија, едноставно не може да се запали на таков начин како што објаснуваат некои самонаречени експерти и да изгори за толку кратко време и при тоа да има толкав број жртви.
Исмаил тврди дека сите автобуси произведени по 2018 година, а посебно од марката „мерцедес“, имаат вградени сигурносни системи, кои вклучуваат и противпожарна инсталација.
– Овој автобус нема како да се запали. При инцидент, оваа инсталација го запира автобусот и се отвораат сите сигурносни излези. Автобусот преминува во екстремен режим. Нема начин автобусот да продолжи – категоричен е превозникот.
При тоа, тој ја покажува противпоажрната инсталација во моторот, сигурносните излези внатре во автобусот, камерите и т.н. црна кутија, кои служат за препознавање на ознаките на патот, за електронско следење на автобусот и на сите параметри, како и за собирање податоци кои можат да се прегледаат во вакви ситуации.
– Ова нe e тежок, ова е средно тежок инцидент и нема начин да се случи вакво нешто. Апсурдно е автобусот да изгори за толку кратко време – категоричен е Исмаил.