Дојче веле врз основа на јавно објавените податоци, изјави и сведоштва направи реконструкција на тоа што се случувало пред и по трагедијата кај Софија.
Во очекување на официјалните информации од истрагата, којашто ќе ја водат бугарските истражни органи, со помош на тимови од Северна Македонија, односно крим-техничари од МВР, како и преставници на македонското обвинителство, Дојче веле врз основа на изјави и сведоштва направи реконструција на настаните пред и по несреќата.
01.30 часот
Според досегашните сознанија кои што се достапни во јавноста, патниците од Скопје со четири автобуси на агенцијата „Беса транс“ на 18 ноември заминале за Истанбул. Туристите по неколкудневната прошетка, преку Бугарија, во вторникот се враќале дома. Ноќта околу 1.30 часот тие застанале на кратка пауза на бензинска станица на автопатот „Струма“ во близина на Перник.
По 02.00 часот
Четирите автобуси потоа го продолжуваат патот кон дома. Некаде по два часот, од сега непознати причини, возачот на автобусот кој се движел последен, ја губи контролата над возилото. Се обидува да избегне несреќата, но завршува во заштитната ограда во должина од 50 метри. На патот има остатоци од нафта. Се слуша експлозија, најверојатно во предниот дел на автобусот.
Таквата информација ја потврди и премиерот Зоран Заев кој кажа дека еден од преживеаните од автобусот посведочил дека слушнал експлозија пред пламените јазици да го проголтаат возилото. „Стапив во контакт со еден од луѓето кои преживеаа, а тој објасни дека слушнале голема експлозија пред несреќата“, рече Заев.
Дел од патниците успеваат да го скршат задното стакло и преку него да излезат од запалениот автобус. Возилото букнува за неколку минути. Во него остануваат заробени над 45 патници, чии тела се изгорени до непрепознатливост.
03.00 часот
Седуммина завршуваат во болница, со полесни повреди и нивниот живот не е во опасност. Во 3 часот изутрината, бугарската полиција, обвинителството и сообраќајни експерти доаѓаат на местото на несреќата.
03.30 часот
Премиерот Зоран Заев ја дознава веста за несреќата, откако му се јавиле бугарскиот премиер Стефан Јанев и претседателот Румен Радев.
04.00 часот
Другите три македонски автобуси, од истата агенција коишто превезувале патници од Истанбул за Скопје, рано утрово околу 4 часот го минале граничниот премин Ѓуешево-Деве Баир и се вратиле во земјата.
6.00 часот
Роднини на туристите на социјалните мрежи дознаваат дека се случила несреќата. Се обидуваат да ги добијат на телефон, но беспушно. Почнуваат на вртат и во туристичката агенција, но никој не им се јавува.
08.00 часот
Веста за несреќата ја соопштува премиерот Зоран Заев на социјалните мрежи, информирајќи дека делегација од земјата веќе е замината во Бугарија, каде ќе ги посети повредените, коишто се хоспитализирани.
09.00 часот
Тим од МВР и македонското обвинителство заминуваат во Софија, на местото на несреќата. Најавуваат темелна истрага.
11 часот
Вратите на агенцијата „Беса турс“ се затворени. Пред објектот стои полицијата. Роднините бараат одговор од надлежни дали нивните најблиски се живи.
13 часот
Владите на Северна Македонија и на Бугарија прогласуваат тридневна жалост.
14.30 часот
Македонскиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде се сместени седуммина преживеани патници, рече дека се можни два фактори коишто ја предизвикале несреќата – човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото.
15.00 часот
Телата на починатите се уште се извлекуваат од автобусот. Обдукцијата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.
15.18 часот
Министерството за надворешни работи доби официјална потврда од надлежните институции на Република Бугарија за седум повредени патници во автобуската несреќа на автопатот “Струма”, близу Софија и ги објави нивните имиња.
19 часот
Министерот за транспорт Благој Бочварски соопшти дека автобусот кој изгоре во Бугарија немал лиценца за превоз на патници и не бил пријавен со системот.