Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го објави идниот состав на новата Влада. Вечерва по одржувањето на Извршниот комитет на партијата каде биле утврдени предлозите за кандидати за владиниот кабинет изјави дека и на Централниот комитет едногласно ги потврдиле предлозите. Тој објави дека ќе има три вицепремиери од неговата коалиција „Твоја Македонија“ и четврт од коалицијата „Вреди“.
Вицепремиер премиер и министер за транспорт и врски ќе биде актуелниот потпретседател на партијата Александар Николоски. Министер за надворешни работи ќе биде Тимчо Муцунски исто така потпретседател на партијата и актуелен градоначалник на општина Аердором, додека за одбрана Владо Мисајловски, поранешен министер за одбрана.
Министер за финансии ќе биде Гордана Димитриевска Кочовска за која Мицкоски рече дека има големо искуство за финансиите и макроекономското работење и која со него има работено во „Електрани на Македонија“.
Министер за енергетика и рударство е предложена Сања Божиновска, за која лидерот смета дека е експерт во енергетиката со големо искуство во големи компании.
Министер за земјоделство е предложен Цветан Трипуновски, кој беше дополнителниот заменик министер во земјоделие.
Министер за култура и туризам ќе биде актерот Зоран Љутков, за кој Мицкоски очекува дека ќе има шанса да ја промовира Македонија на надворешен план.
Министер за внатрешни работи останува техничкиот министер на оваа позиција Панче Тошковски, за кого беше речено дека се очекува бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата.
Министер за образование и наука ќе биде Весна Јаневска, која доаѓа од комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се водев од принципот на чесност и работливост, се раководев тоа да бидат луѓе кои веднаш со мене ќе засукаат ракави зашто Македонија нема време за чекање“, рече Мицкоски.
Име кое до сега не беше споменувано е министерот за локална самоуправа на која позиција ќе биде Златко Пирински, кој некое време раководел со кабинетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Министер за информатичко општество и администрација ќе биде Стефан Андоновски, кој беше дополнителен заменик министер во техничката Влада во истиот ресор.
Министер за спорт ќе биде Борко Ристовски, ракометар и репрезентативец на Македонија.
Љупчо Димовски, претседателот на СПМ ќе биде заменик претседател на Владата и министер за политички систем.
Вицепремиер за односи меѓу заедниците ќе биде Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.
Шабан Салиу ќе биде министер без ресор, задолжен за интеграција на декадата на Ромите“, рече Мицкоски нагласувајќи дека станува збор за кандидати за функциите.
„Очекувам владата да биде избрана на 22-23 јуни и Македонија да ја вратиме на народот, тоа ќе биде Влада за тебе“, рече меѓу другото Мицкоски.
Претходно собранието на партијата Беса на Биљал Касами, која е дел од коалицијата „Вреди“, на состанок во четвртокот одлучи за членови во новата Влада да ги кандидира Фатмир Лимани – за министер за социјална политика, демографија и млади, Бесар Дурмиши – за министер за економија и труд и Седат Сулејмани за заменик-министер за култура и туризам.
Централното претседателство на Алтернатива, пак, синоќа го избра Орхан Муртезани за нивни кандидат за министер за европски прашања, Лулзим Алиу за кандидат за заменик-министер за образование и наука и Сафије Садики-Шаини за заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Досегашниот лидер на оваа партија, Африм Гаши, е претседател на Собранието.
Од другите партнери во коалицијата „Вреди“, според изјави во медиуми, извесно е дека лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, а лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари – министер за здравство.
На седница на партискиот Централен одбор, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во петокот ги утврди своите кандидати со кои ќе партиципира во владата – Игор Филков е нивниот кандидат за министер за правда, а Горан Минчев – кандидат за министер за јавна администрација.
Мицкоски претходно најави дека предлог составот и програмата на владата ќе ги достави до Собранието задутре, по што треба да биде закажана собраниска седница за избор на новиот владин кабинет. Рокот од 20 дена за состав на владата тече од 6 јуни кога Мицкоски го доби мандатот од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 пратеници, Вреди 14, а ЗНАМ шест.