Две лица се здобиле со прострелни рани во инцидент кој се случил попладнево пред влезот на Ургентниот центар на Клиничката болница во Тетово.
Во СВР Тетово околу 18 часот и 5 минути е пријавено дека било пукано во две лица од тетовско Гајре, на што му претходела физичка пресметка, неофицијално првично се степале пред тетовскиот суд. Полицијата трага по осомничените.
Служби на СВР Тетово и јавен обвинител се на лице место и се преземаат мерки за пронаоѓање на пет лица, кои се сомничат во врска со случајот. Инаку, на овој случај денеска, исто така, му претходела физичка пресметка помеѓу еден од ранетите и еден од осомничените за учество во пукањето, соопштуваат од СВР Тетово.
По укажаната лекарска помош, повредените се пренесени на скопските клиники.
Едниот беше во покритична состојба. Беше интервенирано од наша страна и со екипа од анестезија и реанимација префрлен е на скопските клиники. Вториот пациент кој беше исто така повреден, но во постабилна состојба, нашите торакални хирурзи поставија торакален дрен за да се стабилизира и исто така префрлен во скопските клиники Мајка Тереза, изјави за Телма, д-р Бобан Вучевски, Клиничка болница Тетово.
Болницата вечерва е под силно полициско обезбедување. Се врши увид на местото на настанот.