Ballina International Mакедонски Ќе има поразени во начелото „победник со победник“?

Ќе има поразени во начелото „победник со победник“?

По големата победа на претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска Давкова на првиот круг на претседателските избори и јавната понуда на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски до Арбен Таравари од „Вреди“ да бидат дел од новата влада, во партиите наголемо се прават калкулации и анализи кој ќе биде дел од „Илинденска“ по 8 мај, но и што значат добиените гласови преточени во пратенички мандати, особено поради Донтовиот модел на пресметка. Мораториум за ненапаѓање пред изборите, Мицкоски им понуди и на ЗНАМ и на Левица, па оттука ако ВМРО-ДПМНЕ победи и на парламентарните избори, голема е веројатноста во новата влада предводена од Мицкоски да бидат ЗНАМ и коалицијата „Вреди“, сметаат аналитичарите.

Прес онференција по изборните резултати / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Мицкоски синоќа изјави дека се слушнал со претседателскиот кандидат на „Вреди“ Арбен Таравари и му посакал успешни парламентарни избори, а во тој контекст спомна и идна влада.

– Се слушнав со албанската опозиција, со господинот Арбен Таравари, му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори, идна влада во Македонија. Сакав само да му изразам поддршка, да им изразам поддршка на сите оние што се обединија против лошите политики на ДУИ и на СДСМ, а се дел од албанската опозиција. И ние како ВМРО-ДПМНЕ со сите оние што се против на овие политики што значат корупција и криминал, подготвени сме да разговараме за иднината на Македонија – изјави Мицкоски и наведе дека не може да даде повеќе детали за тоа.

Од коалицијата „Вреди“ молк дали ја прифаќаат понудата на Мицкоски да бидат владин партнер. Нема став ни дали „Вреди“ ќе повика во вториот круг на претседателските избори нивните гласачи да ја поддржат кандидатурата на Сиљановска. Неофицијално, за „Вреди“ најбезболно е гласачите да ги повикаат во вториот круг да гласаат по сопствена волја, со што не би ги нарушиле сопствените позиции за владин партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
За политичкиот аналитичар Марко Трошановски е многу позитивно што коректно поминал изборниот ден што е практика во неколку изборни циклуси.

Марко Трошановски/Фото: „Слободен печат“/Слободан Ѓуриќ

– Што се однесува до изборните владини импликации од претседателските избори, мора да се каже дека парламентарните избори ќе имаат различна математика и е многу тешко да се проектира распределбата на мандатите по изборни единици, имајќи го предвид Донтовиот модел. Не би шпекулирал со комбинаторики. Сепак, индикативен е бројот гласови што ги добија партиите, а како се тие распределени по изборни единици ќе определи и кој колку пратеници ќе добие. Тоа не можеме сега да го знаеме, бидејќи се гласаше на национално ниво. Судејќи според бројките, изгледот дека ВМРО-ДПМНЕ би ја формирале идната влада е многу поголем и очигледно, според дадените изјави, во соработка со ЗНАМ. Учеството на Левица во таа комбинација е помалку веројатна поради отпорот на партиите на Албанците – вели Трошановски за „Слободен печат“.

Според него, тоа што ДУИ е повторно голем победник во добиени гласови кажува дека коалицијата со другите помали етнички партии дала резултат, дури и го надминала својот изборен резултат од претходните изборни циклуси, а тоа, пак, кажува дека задоволството кај албанските гласачи од партијата не е така опаднато како што се сакаше да се претстави. Трошановски смета дека не може да се занемари и успехот на коалицијата „Вреди“.

Коалиција Вреди Фото: Фејсбук Таравари

– Во таа комбинација, имајќи ги предвид и најавите на ВМРО-ДПМНЕ за преференцијален коалициски партнер, голема е веројатност да се избегне ДУИ во владината коалиција. Секако дека политиката е прашање на бројки, во смисла тој што ќе има повеќе пратеници ќе направи влада, а не тој што е победник кај еден или друг етнички кампус. Концептот на коалицирање победник со победник нема смисла, уште повеќе откако се направи преседан на негово прекршување – вели Трошановски.

Во целата предизборна кампања, позициите на ВМРО-ДПМНЕ и на Мицкоски се дека ДУИ треба да се испрати во опозиција, а тоа го повтори и Тимчо Муцунски по резултатите од првиот изборен круг, прашан што доколку ДУИ не отстапи од принципот победник со победник.

Тимчо Муцунски/ Фото: ВМРО-ДПМНЕ

– Во Македонија постоеше до пред неколку години еден неформален принцип на коалиција на победникот со победникот, од т.н. мајски договор, но тоа е далечно политичко минато. Прва што го прекрши тој принцип беше ДУИ, а сега велат, кога ние сме во прашање, не смее да се прекрши тој принцип! ДУИ заминува во опозиција, и тоа е многу јасно. Постои дијалог во Собранието, во институциите и тој дијалог ние ќе го направиме функционален. Тие не знаеја да комуницираат со опозицијата и тоа безобразно дејствување што го имаа кон опозицијата ние ќе го промениме. Ќе имаме дијалог и со СДСМ во опозиција и со ДУИ во опозиција. Време е некои поединци да разберат дека по 8 мај нивното место е во опозиција – рече Муцунски.

И Трошановски смета дека инсистирањето на ДУИ како победник да биде во влада е на ниво на сериозна уцена која го подрива политичкиот систем и демократскиот процес.

– Како општество не можеме да бидеме заложници на такви разбирања на демократијата од само една партија. На крајот на краиштата, ако ВМРО-ДПМНЕ реши да коалицира со ДУИ, тоа е една работа, но не постои ниеден принцип што се прекршува ако се постапи поинаку. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ требаше така да постапи и да ја блокира цела држава зашто не беше дел од влада, иако беше победник во македонскиот кампус. Тоа е незрело и опасно размислување – вели Трошановски.

Така не размислуваат ДУИ и партнерите од Европскиот фронт, зашто „граѓаните се определиле за европска иднина“. Гласањето покажало дека во сите општини Европскиот фронт плебисцитарно победил.

Скендер Реџепи, Европски фронт, Фото: Принтскрин

– Позицијата изгуби со 40.000 гласа, а на 8 мај ќе изгуби со 80.000 гласа оти граѓаните не сакаат да бидат слуги на Мицкоски и на Апасиев. Вчера беа претседателски избори. Нормално е дека Мицкоски ќе се обидува со слабиот и сервилен „Вреди“ да направи влада. Но, суверенот се граѓаните што живеат во општините каде што мнозинство се Албанците и ако тие одлучат на 8 мај ние да ги предводиме, Албанците и немакедонците, ние ќе одлучуваме што со иднината. Нема да вреди воопшто изјавата на Мицкоски ако на 8 мај ние славиме длабока победа, двојна во однос на вчерашните избори – рече Скендер Реџепи од Европскиот фронт.

Партиите допрва ќе решаваат како ќе се позиционираат за вториот круг на претседателските избори, односно за парламентарните избори. Неофицијално, во Европскиот фронт во игра се две опции. Оттаму велат дека ако повикаат на поддршка за Стево Пендаровски, таа ќе биде јавна, но и дека на сила е и можен бојкот на вториот круг на претседателските избори.
Трошановски, пак, анализира дека колку и да е недемократски, не можеме да избегаме од фактот дека е практика тргувањето со гласови во политички процес.

– Очекувам во вториот круг да има прелевање на гласови од еден кон друг кандидат. Верувам дека гласовите за Левица и за ЗНАМ, секако, во поголем дел ќе одат за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, додека мислам дека „Вреди“ нема таква структура на гласачи кои лесно би можеле да се насочат за кого да гласаат. Како ќе се однесува ДУИ е големо прашање во смисла кои ќе им бидат комбинациите за идната влада и тешко е да се претпостави – вели Трошановски./

@tn.lajmelokale
@tetovanews