Ballina Makedonski ТЕТОВЦИ И КУМАНОВЦИ ВО НЕИЗВЕСНОСТ, КОГА ЌЕ СТИГНАТ ПРВИТЕ СМС КАЗНИ? Камерите...

ТЕТОВЦИ И КУМАНОВЦИ ВО НЕИЗВЕСНОСТ, КОГА ЌЕ СТИГНАТ ПРВИТЕ СМС КАЗНИ? Камерите од „Безбеден град“ може да стартуваат „преку ноќ“

Жителите на Тетово на Куманово наскоро може да се разбудат со СМС-порака или електронско известување за сообраќаен прекршок, но кога точно ќе започне тоа, сè уште останува мистерија.

Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо потврдуваат дека системот „Безбеден град“ (Safe City) е веќе подготвен и дека неговото активирање во двата града е прашање на време, но без прецизен датум.

– Во моментов системот „Безбеден град“ функционира на територија на град Скопје, а планирано е наскоро да се активира и во Куманово и во Тетово. Опремата е поставена веќе и на Коридорите 8 и 10 и во секој момент се очекува да започне детектирањето на сообраќајните прекршоци – велат од МВР.

Она што дополнително ја зголемува неизвесноста е фактот што камерите се веќе поставени, а системот може да почне да „гледа“ прекршоци буквално преку ноќ. Возачите во Тетово и во Куманово на почетокот ќе бидат во пробен период, во кој за прекршоците се испраќа само опомена, без парична казна.

Од полицијата објаснуваат дека овој тест-период има за цел граѓаните да се навикнат на новиот начин на контрола во сообраќајот, но без да прецизираат колку тој период ќе трае во овие два града.

– Во моментов сме во пробен период во кој граѓаните добиваат само опомена за сторениот сообраќаен прекршок. Предвидено е од 01.02.2026 година системот целосно да функционира и да се започне со санкционирање на граѓаните кои направиле прекршок детектиран од камерите – додаваат од МВР.

Тоа значи дека казните се сигурни, прашањето е само кога ќе започне официјалното „фаќање“ на прекршоците во Тетово и во Куманово. До тогаш, возачите остануваат во исчекување: дали денес е денот кога камерите ќе почнат да испраќаат пораки?

Системот „Безбеден град“ во текот на 2026 година треба да се прошири на целата територија на државата, со што електронското санкционирање ќе стане новата реалност за сите возачи.